Во центарот на Скопје ќе има целосна промена на сообраќајниот режим со воведување на еднонасочен сообраќај. Ова ветување денеска го даде градоначалникот Петре Шилегов кој беше прашан да објасни како ќе се одвива сообраќајот во центарот на Скопје.
А ветувањето вучи исто како и од пред четири години. Но сега, разликата е во тоа што денеска тој беше дециден дека улицата „Даме Груев“ (зад Собранието) сепак нема да се проширува.
Но, и ова ветување на Шилегов нема рок кога би се случило. Тој вели ниту една промена нема да се случи наеднаш, туку ќе зависи од воведување на „Бас рапид системот“ (БРТ), популарно наречен скопски трамвај.
-Тоа е континуирана стратешка работа што јас како градоначалник ја имам воспоставено. Многу е важно дека тие процеси се паралелни односно каква било промена во сообраќајот ќе се одвива паралелно со имплементирањето на бас рапид транзитот. Значи до такви промени ќе дојде со неговата имплементацијата, нема предвреме да смениме нешто да не нанесеме проблеми во секојдневниот режим и функционирањето на луѓето. Како ќе го движиме БРТ така и целиот град ќе се смени на подобро, изјави Шилегов.
Проектот за БРТ предвидува две линии, една од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и друга од Кисела Вода до Бутел, а за таа цел досега само е подигнат кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).