И окупаторите и комунистите се трудеа да биде заборавен, но делата на Ченто се големи…

Македонија низ историјата имала повеќе големи синови, големи борци за слобода и правда. Еден од нив е Методија Андонов – Ченто.

Тој е револуционер и државник. И борец. И прв претседател на Президиумот на АСНОМ поради што често се именува и како прв македонски претседател.

Но, тој е и човек кој доживеал на правдина да биде неправедно обвинет и тоа од оние кои добиле привилегии во државата за која Ченто се борел да биде создадена. Ги издржал и победил разните окупатори, но во слободна Македонија кога не очекувал добил нов удар. Ставен е во долгогодишен затвор каде се разболува, а потоа и умира.

По неколку децении вистината изби на виделина и тој беше рехабилитиран и го доби заслужено место во македонската историја.

Многу има да се каже за Методија Андонов – Ченто чијашто годишнина од смртта на 24 јули 1957 година се одбележува денеска. Во знак на почит кон неговото дело посветена на слобода и самостојноста на македонскиот народ, во неговиот роден град Прилеп денеска се одржа чествување пред споменикот каде беше положено цвеќе.

Бројни се причините за оддавањето на почитта кон Методија Андонов – Ченто. Роден во Прилеп на 17 август 1902 година во Прилеп од родителите Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар тој уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња. Подоцна, успеал да заврши средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова со која ќе има четири деца.

Тоа е период во кој Ченто веќе отворено ја брани македонската национална кауза во државата којашто не го признавала постоењето на македонскиот идентитет. Учествувал на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на листата на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.

Потоа се јавува и како еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), за што бил затворен во затворот во Велика Кикинда. Во 1940 година се залагал за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно бил затворен и интерниран во Баина Башта. Тој бил осуден на смрт, дури и бил одведен на стрелање, но бил ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.

Подоцна, со почетокот на Втората светска војна и со бугарската окупација на Македонија, на 26 април, Ченто добил покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбил поканата и наместо тоа одбрал да соработува со тие што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори кои ги замениле српските. Бугарските власти во 1942 година го интернирале прво во селото Мелницаф, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот Чучулигово, Петричко во Пиринска Македонија. По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, по што Ченто се приклучил на НОБ.

На слободната територија во Дебрца, Охридско, Ченто преминува во октомври 1943 година, по што е именуван за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито.

Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача. По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание на кое Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија, подоцна НР Македонија.

За време на извршување на својата функција, Методија Андонов-Ченто бил многу почитуван и сакан од народот и се залагал власта целосно да биде народна и народот да може слободно и преку истата врата преку која влегуваат службениците, да влегува во институциите.

Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ-Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб, а конфронтациите кулминираат по одржувањето на АСНОМ.

-Штом не си член на президиумот, да не ни се мешаш во нашата работа, му рекол тогаш првиот претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто, на Светозар Вукмановиќ-Темпо, пратеник од Србија, на една од првите седници на АСНОМ уште пред Македонија да биде ослободена.

Подоцна, по ослободувањето на Македонија несогласиците со тогашниот македонски и југословенски врв продолжиле. Ченто бил против тоа 15 македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залагал за обединување и поголема самостојност на Македонија, а бил против враќање на имотот на избеганите српски колонисти од Македонија и се залагал за поголема финансиска независност и за сопствен буџет на Македонија. Комунистите полека му ја одземале реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземале комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесол оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сакал да се повлече од политиката и мирно да живее во Прилеп, но на 14 јули бил уапсен пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него било покренато обвинение, а на 19 ноември бил изведен пред суд во состав: Панта Марина (претседател), а Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето траело доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто бил осуден на 11 години затвор. Казната ја издржувал во скопскиот затвор Идризово, каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража. Му биле дозволувани само 30 минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и да потпише дека згрешил и дека се покајува, а потоа животот да му биде целосно обезбеден. Но, Ченто ја одбивал оваа непристојна понуда од комунистичките власти.

По поминати речиси 9,5 години во затвор условно бил пуштен на 4 септември 1955 година, со длабоки траги од затворскиот живот врз неговото здравје. Побарал од Тито да му дадат пасош за да замине да се лекува во Швајцарија, но бил одбиен и починал на 24 јули 1957 година во својот дом во Прилеп.

Но, и по излегувањето од затворот не се откажал од идеите за самостојна и обединета Македонија.

Долги години по смртта, Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго контролирани. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија, бил обновен судскиот процес против Ченто и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укинал пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, Претседателот на Република Македонија постхумно го одликувал Ченто со Орден на Република Македонија.

Претходна вестБензините поскапуваат за еден денар
Следна вестМицкоски: Утре ќе бидеме на седницата на Уставната комисија, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против измените