И по 5 месеци нема конечен извештај за ужасниот пожар во тетовската болница

Одговорноста и исполнителноста не живеат во Македонија. Се некако ги чекаме да дојдат и тука да се вселат, ама…

Вчера се навршија точно пет месеци откако во ужасниот пожар на 8 септември во тетовската модуларна болница живи изгореа 14 лица. Тоа се 150 дена во кои јавноста не го доби конечниот одговор за клучните прашања: што е причината за пожарот, зошто болницата толку брзо изгорела, кој е одговорен за пропустите? И вчера, како и во изминативе месеци, надлежните органи не соопштија ништо. Состојбата е иста – се собират докази, се анализираат вештачењата, се проверуваат сите делчиња во мозаикот на претешката трагедија, се… .

Иако е јасно дека ова е сериозна истрага во која не смее да има ниту најмали пропусти, сепак прашањето е – зошто толку долго трае? Прво се чекаше на вештачењето на нашето МВР, а потоа речиси четири месеци се чекаше на вештачењето на група на германски форензичари кои во Тетово пристигнаа по трагедијата. Сега сите извештаи се кај обвинителите и на потег се сега тие да одговорат на сите дилеми кои во однос на овој пожар постојат во јавноста. И не само да одговорат туку и да дејствуваат.

Од она што досега е соопштено во јавноста се наслутува дека главната причина за избувнувањето на огнот е продолжениот кабелот за кој се кажа дека се самозапалил? Но, може ли истрагата да заврши само на него? Кабелот ли ќе оди на суд да одговори како се дозволи да изгорат 14 пациенти?

Кој одобрувал во болницата да се внесува таков вид кабел и да се користи кога е општо познато дека таквите кабли се ризични? Одговор ќе треба да се даде и за тоа кој дозволувал роднините да престојуваат во болничките соби кога тоа здравствените прописи го забрануваат? Треба да се дознае и има ли одговорност за квалитетот на градбата на модуларната болница и дали биле испочитувани бараните стандарди за квалитет со оглед на тоа дека огнот страшно брзо се ширел…

Сето тоа треба да и се соопшти на јавноста, а најмногу на роднините кои во трагедијата ги загубиле своите најблиски. Заради тоа, тетовските и сите други обвинители треба да побрзаат со расветлувањето на целиот случај.

Претходна вест246 сообраќајни прекршоци во Скопје, 71 за недавање предност на пешаци
Следна вестСкопје е цветен град, само цвеќето го нема