Министерството за внатрешни работи во периодот од 23.08.2021 до 29.08.2021 спроведе контрола за санкционирање на возила на кои се вградени неатестирани фолии (затемнети стакла), при што санкционирани се 26 возачи, соопштија од МВР.
Постои законско ограничување колку можат стаклата да се затемнат, според кое пропустливоста на светлина на стаклото заедно со налепената фолија на него, да биде најмалку 75% за ветробранското стакло и 70% за предните бочни стакла (кај возачот и совозачот – пред „B” носачите).
Ова не се однесува за тесната лента која се поставува на горниот раб на ветробранското стакло, и која е наменета за заштита од сонце.
Тоа значи дека, на ветробранското стакло дозволено е затемнување до 25%, додека кај стаклата кај возачот и совозачот дозволено е затемнување до 30%. За задните стакла нема ограничувања доколку возилото има два ретровизори.
На стаклата на возилата не се поставуваат огледални фолии.
Доколку стаклата на задната страна на возилата се затемнети така што пропуштаат помалку од 30% светлина, тогаш возилото треба да биде опремено со ретровизори на двете страни.
Доколку не се почитуваат одредбите од законот, следуваат казни.
Возачот ќе добие казна од 300 евра во денарска противвредност. Но казните за правното лице се многу повисоки од 2.000 евра во денарска противвредност, додека за одговорното лице во правното лице во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице.