Првачињата во новата 2021/2022 учебна година ќе учат по новите наставни програми кои ги донесе Министерството за образование и наука (МОН) на предлог на Бирото за развој на образованието (БРО). За начинот на примена ќе се организираат обуки за наставниците, преку три модули во текот на мај, јуни и август.
Ова го соопшти Министерството за образование и наука, иако во јавноста и стручната и граѓанската, се уште има реакции за тоа дали новиот концепт ги задоволува сите критериуми, по европски и светски стандарди, и дали одговара на нашето општество.
Од МОН се децидни дека наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно ќе овозможат реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, за да се синтетизираат различни перспективи за предметот секаде каде што е можно. На овој начин, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја, а ќе се поттикне учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци.
Според презентираниот концепт, предметите се интегрираат и се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема.
Преку пример тоа би било вака: кога ќе се учи за екологија и животна средина, на биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија.
Со новите програми, постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие.
За новата концепција забелешки имаше многу и тоа сериозни и аргументирани од стана на скоро сите најрелевантни образовни институции. Се бараше дури и реформата да се стопира и реосмисли, но Владата решила да тера по свое.