Не поддржуваме проекти со огромни висококатници да никнат во населбата Тафталиџе, соопшти денеска советничката група на СДСМ во скопската општина Карпош. Тие нагласија дека се залагаат за хумана урбанизација и хумано живеење.
Советниците реагираат на предложениот ДУП за просторот на поранешната фабрика „Алумина“ кој предвидува бројни висококатници.
-Не подржуваме проекти со огромни висококатници во Тафталиџе. Тоа нема да го дозволиме. Ова место во Карпош е главниот проток на воздух во градот и така треба да остане, изјави Влатко Бислимовски, советник на СДСМ во Советот на Општина Карпош.
Тој додаде дека на Општина Карпош и се потребни инвестиции, меѓутоа на соодветно место и со соодветна инфраструктура. Најостро ги демантира изјавите на советничките групи на ДПМНЕ и ЛЕВИЦА кои, според него, заедно континуирано ја опструираат работата на советот и општината, во спротива на интересите на граѓаните.
-Опструкциите на ДПМНЕ со 4.000 амандмани за носење на буџетот не е бојкот за носење на било кој ДУП, ниту пак доказ за работа и посветеност, туку конкретна опструкција на работата на Советот и Општината. 4.000 амандмани во кои на пола е сменета само 1 бројка се доказ за деструкција и бојкот на советот за тотална нефункционалност на општината. Ние како советници сме должни да работиме само и само во интерес на граѓаните, без никакви драми, одолжувања и бојкоти, рече Бислимовски.
Претходно, на овој проект се спротивставија и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Независна листа за Карпош.