И старите мајстори ракоплескаа: Бразилците ја „скрија“ топката

Бразил и на ова светско првенство докажува дека е фудбалска велесила. Не постои искрен љубител на фудбалот за кого синоќешниот натпревар на Бразил и Јужна Кореја не претставуваше празник за очите.

Фудбалерите во препознатливиот жолт дрес се потрудија во првото полувреме да дадат четири гола. И тоа мајсторски, па дури и пеналот.

Сите дилеми околу тоа кој ќе биде победник беа решени веќе по половина час кога Бразил имаше водство од 3-0 со головите на Винисиус, Нејмар, Ришарлисон. До крајот на полувремето Пакета зголеми на 4-0. Почесниот гол на Јужна Кореја го постигна Сеунг-Хо.

Светот гледаше и се воодушевуваше на потезите, додавањата, брзината, уиграноста на фудбалските мајстори. Репрезентациите кои се можни следни противници гледаа исто така – можат ли да ги сопрат Бразилците?

Гледаа и старите мајстори на бразилскиот и светски фудбал. Оние кои оставија белег, кои оставија рекорди, кои оставија високи стандарди, оние кои се ѕвезди од најголем калибар. Во одела седнати на стадионот еден покрај друг навиваа Роналдо, Ривалдо, Кафу и Карлос. Каква екипа! Какви шампиони!

На трибините го немаше само легендарниот Пеле. Тој е болен. Но, сепак беше присутна неговата аура. Сите од бразилската репрезентација не испуштија, да го споменат Пеле, а носеа и транспарен со негова фотографија.

-Прегрнете го Пеле, кому сега му треба сила. Оваа победа е за него, нека закрепне, а ние ќе се потрудиме да станеме шампиони за него, изјави Винисиус.

А колку на сегашните бразилски фудбалери им значи ова првенство најдобро сведочи  изјавата на феноменалниот Нејмар кој вели дека плачел цела вечер по повредата во групната фаза на Мундијалот во Катар.

–Плачев цела ноќ после тоа, моето семејство знае. Но, сè успеа, и чинеше многу труд. Кога се повредив, се случија илјада работи: сомнежи, стравови, но моите соиграчи и семејството ме поддржаа. Добив добри пораки, ми помогна. Сега ќе направам се за да победи националниот тим, тука сум за оваа цел, изјави Нејмар.

И синоќа победија, тој даде гол. Сите танцуваа, па дури и селекторот.

– Имаме многу квалитетни играчи за одличен натпревар. Се надевам дека ќе продолжиме да танцуваме до самиот крај, истакна Винисиус.

Противник на Бразил во четвртфиналето ќе биде Хрватска која на пенали ја совлада Јапонија со 3-1.

Претходна вестЖивејте, овде оставки не се даваат!
Следна вестНекој мисли и на сиромашните, отворил маркет во кој може да пазарат само лица со ниски приходи