И Стојанче Стоилов најави збогување со репрезентацијата

Вечерашното збогување на Филип Миркуловски со репрезентативниот дрес не беше единствено коешто се случи во редовите на македонските ракометари по триумфот на селекцијата на Чешка. На прес-конференцијата по натпреварот истото го стори и Стојанче Стоилов кој соопшти дека става точка на репрезентативна кариера.

– Среќен сум што победивме и се пласиравме на Светското првенство. Што се однесува до македонската јавност сакам да најавам крај на репрезентативната кариера цели 15 години. Со гордост го носев овој дрес. Без одмор не можам да терам цела сезона, многу се напорни сезоните, стварно сум на крајот на силите, едноставно телото не ми издржува. Ми беше чест, рече Стоилов.

Селекторот Кире Лазаров рече дека ќе се обиде да го премисли Стоилов.

– Горд сум на сè што се случи на победата, но тагата е голема поради овие двајца. Тажен сум што си заминуваат, Столе ми е потребен. Тие знаат дека секогаш ќе бидам тука за нив, бидејќи навистина ме задолжија и мене и оваа репрезентација. Јас ќе пробам уште еднаш да го премислам бидејќи ќе ми треба на СП, ќе видиме дали ќе успеам, изјави Лазаров.

Лазаров, претходно, во изјавата за Македонска телевизија рече дека на следниот ракометен Мундијал најверојанто ќе биде само покрај клупата.

-На следно Светско првенство 90 проценти ќе ме гледате во тренерка, треба да знае човек да се прости кога е на врв. Најмногу ја продолжив кариерата поради Македонија. Моето искуство и искуството на Миркуловски придонесе да играме на уште едно СП. Ми беше многу тешко што не можев да помогнам на Европското првенство, но се вратив да помогнам за да одиме на Мундијал, и многу сум среќен што го остваривме тоа, рече Лазаров.

Претходна вестМакедонија по осми пат на Светско првенство, Чешка падна во Скопје
Следна вестОблачно со повремени врнежи од дожд