Пораки дека е „Македонскиот народ го кренува својот глас и кажува „НЕ“ за разнебитувањето на Македонија, „НЕ“ за македонскиот јазик да биде нечиј дијалект“, упатија вечерва бројни граѓани кои протестираа против францускиот предлог и неговото владини прифаќање.
Со огромен транспарент „Ултиматум НЕ благодарам“, со пораки „Никогаш Северна, само Македонија“ и со барање за оставка на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, многубројните граѓани по осми пат го искажаа своето категорично неприфаќање на предлогот со кој треба да се даде „датум“ на Македонија, но и многу датуми на Бугарија за условувања.
Како и во претходните вечери тие се собраа пред Владата, а потоа во голема, долга колона се упатија до Министерството за правда и завршија пред македонското Собрание. Учесниците на маршот, виорејќи го државното знаме како и сонцето од Кутлеш и неколкуте партизански знамиња, пред парламентот ја испеаја македонската химна.
-НЕ за разнебитување на Македонија, НЕ за заборав на македонскиот народ, НЕ за македонскиот јазик да биде некаков си дијалект затоа што сме посебни од памти век па до ден денеска говориме на македонски јазик и така ќе остане, изјави Димитар Атанасовски, еден од говорниците на протестот.
Атанасовски повика на обединување, на национално обединување на сите граѓани на Македонија.
-Повикувам да излеземе во што поголем број и да кажеме не, не заради тоа што сега или никогаш е дојдена работата. Не смееме да поминеме преку ова, не смееме да дозволиме историјата да не пишува како хибридна нација затоа што не сме такви, затоа што Македонци сме се родиле и Македонци се и нашите деца и сите идни поколенија, рече Атанасовски.
И другите говорници ги повикаа граѓаните, без оглед на нивната етничка припадност да излезат во што поголем број на протестите „затоа што работата е дојдена сега или никогаш“.
-Гласот на македонскиот народ е најгласен и тоа е гласот којшто ќе победи. Македонија нема цена и тука нема компромис. Одиме до крај оти Македонија е се што имаме, порачаа учесниците на протестот којшто се одржа во мирна атмосфера.