И верските лидери и наставници по „Етика на религии“ со реакција до Царовска

Предметот „Етика во религиите“, кој се изучува како изборен предмет во основното образование, да го задржи или да го најде своето место во новиот концепт за основно образование. Ова е барање кое денеска со посебни реакции го побараа лидери на верските заедници во Македонија и наставници кои го предаваат овој предмет. Тие испратија барање и реакција до Министерство за образование и наука бидејќи се соочуваат со неизвесност поради укинувањето на дел од изборните предмети согласно новиот најавен концепт на образование.

На денешната средба верските лидери разменија мислења по однос на реформите во основното образование и едногласно бараат од надлежното ресорно Министерство за образование вклученост на црквите и верските заедници во јавната дискусија по предлог измените во законот со цел зачувување и унапредување на наставниот предмет етика во религиите и заштита на правата на наставниците кои го предаваат, но и овозможување на децата настава по крицијалните научни дисципнини со избегнување на решенија кои согласно нашите општествени вредности не би биле соодветни, се наведува во заедничкото соопштение.

Заедничкото барање денеска го договориле поглаварите на црквите и верските заедници споменати во Уставот на работната средба со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски – архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, реисул улема на ИВЗ х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на ЕМЦ Марјан Димов. Поради објективни причини на средбата отсуствувала претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ.

Од своја страна Асоцијацијата на наставниците кои го предаваат предметот „Етика во религиите“ во реакцијата потенцираат дека во основа на предметот лежи етиката, а не систематско изучување на догмите и правилата во религиите.

-Самите наставни содржини влијаат врз воспитанието на учениците, ги формира и зајакнува нивните личности за постигнување на зрелост и интегрирање во современото општество, ги учи дека сите се еднакви, ги опфаќа сите аспекти поврзани со човековите права и вредности на недискриминација, отвореност, градење на личноста во духот на слободата и еднаквост. Меѓу другото, како особено важно го истакнуваме фактот дека религиското етичко образование во различна форма е присутно во сите земји на Европската Унија, кои веќе многу пред нас почиваат врз принципите на секуларноста и демократското уредување на своите стабилни општества, велат тие во својата реакција.

Наставниците додаваат дека со оглед на тоа што во новата концепција за образование е нагласено дека треба да се стави акцент врз воспитниот процес во училиштата тие сметаат дека како такви ја поседуваат компетенцијата.

– Истакнуваме дека преку етичките примери што нашите наставници ги ползуваат, учениците се поттикнуваат кон конструктивно самокритично набљудување, продуктивно учење на сите наставни предмети, беспрекорна почит кон сите наставници, послушност кон родителите и грижа за нив, како и соработка со сите чинители важни за нивниот раст и развој како високо лојални личности корисни за своето општество, појаснуваат во својата реакција

Тие дополнуваат дека предметот треба да го предаваат најстручните лица.

-Бараме материјата за религиите, да се предава од најстручните во таа област – дипломираните теолози и специјалисти по настава на религиско образование, од кои најголемиот дел своето теолошко образование го завршија на Факултетите во земјата, кои се интегрирани при државните универзитети. Едно демократско општество никогаш не наметнува едноумие, туку овозможува простор на различни светогледи, па затоа и бараме рамноправна застапеност со ново најавениот предмет по воспитание. Со задржување и унапредување на предметот „Етика во Религиите“, да им помогнеме на децата да имаат разбирање, да сакаат, да бидат хумани, да почитуваат, да толерираат, да размислуваат, да истражуваат, а со сето тоа правилно да се интегрираат во заедницата, велат од Асоцијација на наставници по предметот „Етика во религиите“.

Претходна вестЗаев: Секој да може да одгледува 2-3 стебла канабис за лична употреба под строга контрола
Следна вестНов пораз на македонските одбојкари од Бугарија