Ибраими: Ќе биде тешко на реваншот против Слован, но силно веруваме во позитивен резултат

Бесарт Ибраими, авторот на два гола од првиот натпревар во Братислава, зборуваше на прес-конференцијата пред реванш мечот против Слован Братислава, во првото квалификациско коло на Лигата на шампионите. Тој признава дека македонскиот шампион Струга Трим Лум ќе има тешка задача по резултатот од првиот натпревар, но силно верува во позитивен резултат и се надева дека овојпат и среќата ќе биде на нивна страна.

-Ја анализиравме добро претходната средба, гостувањето против Слован Братислава, така што овојпат веруваме дека нема да ги повториме истите грешки, туку ќе ги минимизираме и се надеваме дека овојпат и среќата ќе биде на наша страна. И покрај двата гола негатива, силно веруваме во позитивен резултат, иако ќе биде тешко, изјави Бесарт Ибраими.

Головите се негова работа на теренот, па се надева дека ќе ги има и утре во Охрид.

-Ние напаѓачите сме тука за да постигнуваме голови. Секако дека како напаѓачи се обидуваме да постигнеме гол на секој натпревар, но можам слободно да кажам дека во овој момент најважно е да се постигне целта на тимот, а тоа без сомнение е пласман во следниот круг, посочи Ибраими.

Првиот натпревар во Братислава заврши со триумф од 4-2 за Слован Братислава, а Бесарт Ибраими ги постигна двата гола за Струга трим Лум.

Претходна вестАнгелов: Во гаснењето на пожарите ќе се вклучат и два романски авиони
Следна вестЈаневска: Работиме на три пријави за еден државен и два приватни универзитети