Во периодот од 16 до 22 август пријавени се десет нови случаи на голема кашлица, за 52,4 отсто помалку во споредба со минатата недела, информираат од Институтот за јавно здравје. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – четири, а пријавени се и два случаи од Куманово и по еден случај во Дебар, Битола, Кичево и Тетово. Две од новопријавените лица се хоспитализирани.
Возраста на заболените се движи од 2 месеци до 43 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, шест лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, две се комплетно вакцинирани и две се вакцинирани согласно возраста.
Заклучно со 22 август во земјава се регистрирани вкупно 1.032 случаи на голема кашлица, со инциденца од 56,2/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје – 750, во Куманово се пријавени 83 заболени лица а во рамките на епидемијата во Тетово, пријавени се 59 заболени лица. Случаи се пријавени и во други 20 градови низ државата.