ИЈЗ: Генерално паѓа бројот на заразени, минатата недела пораст има кај децата до 9 и кај оние од 10 до 19 години

Продолжува падот на бројките на новозаболени и хоспитализирани, а стагнира бројот на реинфекции, покажува последната анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) која се однесува на периодот од 28 март до 3 април.

Минатата недела се регистрирани 1.602 новозаболени во 30 градови низ државата, што е намалување за 5,4 отсто споредено со неделата претходно. Повеќе од половина или 893 случаи се регистрирани во Скопје а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци со 205 заболени на сто илјади жители.

Во анализираниот период здравствените власти бележат 272 реинфекции што е благо зголемување од 1,5 отсто.

Повторно најмногу на удар се граѓаните над 60 годишна возраст.

Но во однос на претходната недела, најголемо зголемување на бројот на заболени се регистрира кај возрасните групи од 0-9 (13,7%) и 10-19 (11,6%), а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група 20-29 (26,6%)“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Најголем пад има кај смртните случаи – 45,5 отсто. Минатата недела се регистрирани 12 жртви во осум градови низ државата.

Во моментов во Ковид центрите и на инфективните одделенија се хоспитализирани 71 пациент од кој 27 се на кислородна поддршка а 5 на механичка вентилација.

Од ИЈЗ соопштија дека резултатите од лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика покажуваат дека во државата сеуште е доминантна „стелт“ веризјата на сојот „Омикрон“ . Од 92 позитивни ПЦР теста кои се земени на анализа во 86 е детектирана верзијата „стелт“ а во останатите 6 сојот Омикрон.

Процесот на вакцинација никако да добие на интензитет а досега целосно, со две дози, се вакцинирани 853.501 граѓанин или 45,6 отсто од вкупното население во државата. Трета или „бустер“ доза е аплицирана кај 154.693 лица.

Претходна вестУтре потопло, в четврток дожд и ветер, в сабота до 27 степени
Следна вестСончево и потопло, температура до 21 степен