Илија Спасески не се чувствува виновен за тепањето на Пендиков

Со изведување писмени и материјални докази денеска почна главната расправа од процесот што пред охридскиот Основен суд се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков. Претставник на Обвинителството на денешното судско рочиште го прочита обвинителниот акт, според кој првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот Илија Спасески пред Судот се произнесе дека не е виновен.

– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески.

Претходно, судот констатира дека натепаниот Христијан Пендиков не дошол на  денешното рочиште. Судијата соопшти дека пропаднал обидот за да му се достави покана за рочиште. На ова, адвокатот Стефан Камишевски, кој го застапува Пендиков, кажа дека оштетениот има здравствени проблеми.

-Денеска нема да присуствува судија бидејќи треба да се направат дополнителни проверки на некакви здравствени проблеми кои ги има, рече адвокат Камишевски.

Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски, по однос на обвинението даде кусо образложение во кое изјави дека одбраната не спори дека оштетениот критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее го убеди Судот дека во делото нема докази за зборови од омраза, како што сака тоа да го наметне Обвинителството, како и оти нема материјални докази дека провообвинетиот е извршител на делото.

Забелешка на застапникот на одбраната е и дека оштетениот не е Бугарин, односно дека нема бугарско државјанство, туку дека се работи на македонски државјанин.

Судијата Бојан Мартиноски, кој го води процесот, со оглед на тоа што оштетениот Кристијан Пендиков и денеска не се појави пред Судот, донесе одлука да ги ослободи повиканите сведоци од денешното рочиште, а процесот да продолжи со изведување писмени докази.

Илија Спасевски од Охрид е обвинет за напад од омраза со тешки повреди за настанот што се слули на 19 јануари во кој охриѓанецот и секретар на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, беше претепан, а според обвинението на тепачката му претходела навреди по национална основа во кафеана, кога наводно Спасевски му рекол на Пендиков „Не ти е срам да се пишуваш Бугарин“.

Претходна вестИзложба во Галеријата „Остен“ по повод 50-годишнината од смртта на Пикасо
Следна вестПензионер две години не плаќал патарина, изјавил дека патарина не треба да се наплаќа