Им се заканувал на полицајци, завршил во притвор

Жител на валандовското село Јосифово ќе помине 8 дена во притвор бидејќи не дозволил полицијата да изврши претрес во неговиот угостителски објект во селото Сретеново, Стар Дојран.

Делото за кое се сомничи е „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и за „загрозување на сигурноста“.

Настанот се случил на 25 јуни, кога осомничениот им се заканил со физички напад на двајца полицајци кои дошле да извршат претрес во угостителскиот објект на платформа поради основано сомнение дека се користи дрога.

Полициските службеници имале наредба за претрес, која осомничениот не ја примил и почнал да ги брка службените лица, со навреди и закани, па започнал да крши предмети – маси и столици и го исклучил кабелот за струја, прекинувајќи го доводот на електрична енергија во објектот.

Тогаш тој бил приведен и на барање на обвинителството му е одреден 8 дневен притвор.

При претресот на објектот, пак, биле пронајдени повеќе пакувања со прашкаста, грутчеста и растителна материја, кои со наредба на Основното јавно обвинителство Гевгелија се испратени на вештачење за да се утврди дали станува збор за недозволени супстанции.

 

Претходна вестСертификат за прележан Ковид-19 ќе се добива и преку „Мој термин“
Следна вестСамо шест нови заразени во 24 часа