Има ли и други „технички грешки“ или најновата пописна табела е конечна?

Пописните резултати иако се соопшија минатата недела се уште ја вжестуваат јавноста во Македонија. Многу сериозни забелешки има.

Јавноста денеска доби објаснување за тоа како и зошто е преправена неколку дена по обзнанувањето статистичка табела за верската припадност на граѓаните попишани на последниот попис на населението. Државниот завод за статистика официјално соопшти дека била направена „техничка грешка“.

-Во соопштението за изјаснувањето за религиска припадност направена е техничка грешка со тоа што во редовите „Не е верник (атеист)“ и „Евангелско протестантски христијани“ е направена пермутација на податоците. Од тие причини е направена корекција во табелата, а воедно сите појави под 500 не се прикажани во табелата поради ограничениот простор. Се извинуваме за направената грешка, се наведува во соопштението од ДЗС.

Со ова, на јавноста и се објасни како било можно првично соопштениот број на „атеисти“ да биде 355, а потоа да се напише дека ги има 8.764, колку што беа наведени како евангелско-протестантски христијани. Односно, зошто сега, во преправената верзија, претходно објавените 21 категорија на граѓани според верската припадност беа намалени на 13, а со што 8 беа комплетно избришани…

Но, само таа „грешка“ треба да се објасни? Има ли и други „технички грешки“ или сега веќе објавеното е дефинитивно и конечно?

Јавноста се уште не знае што се по етничка и верска припадност оние 132.000 лица кои се административно попишани, не знае како се дозволи 242.000 граѓани да се попишуваат само како „христијани“… а сега се случи и претумбацијата со бројките, менување на табелата, отстранување на детелен список…

Повеќе партии, граѓански здруженија, МПЦ-ОА… веќе сооопштија дека не ги прифаќаат резултататие и немаат верба во сооопштеното. Што на тоа вели директорот на ДЗС Апостол Симовски?

Инаку, самиот тој изјавуваше деновиве дека секое „дополнување на базата“ ќе се третира како „упад“ во пописот бидејќи базата на податоците е затворена. Но, ете, базата се преправа – поради „техничка грешка“…

 

Претходна вестИзборни победи на Вучиќ и Орбан во Србија и Унгарија
Следна вест(ФОТО) Бејби бум во скопската зоолошка градина