Има ли неединство во СДСМ: Нејзин пратеник апелира до сопартијците да се држат заедно или ќе потонат заедно…

Резултатите од анкетите во последно време не се баш оптимистични за влaдeачкиот СДСМ. Граѓаните на Македонија се помалку и даваат поддршка. Колку тоа ја разнишува кохезијата во партијата?

Апел до своите сопартијци да бидат единствени упати синоќа пратеникот на СДСМ од Куманово Мартин Костовски. Тој во објава на Фејсбук порача дека доколку партијата нема единство тогаш сите заедно ќе потонат.

-Социјалдемократи другари и другарки или ќе се држиме сите заедно еден до друг, или ќе потонеме сите еден покрај друг. Време за помирување и обединување, напиша тој на Фејсбук.

Нема дообјаснувања за тоа какви конфронтации постојат во владеачката партија поради кои е потребно „помирување и обединување“. Односно, какви се групации постојат во редовите на СДСМ, а кои предизвикуваат поделби.

Вакви јавни апели досега не се забележани од страна на некој пратеник или функционер на СДСМ. До сега, а тоа го изјавуваше и премиерот Димитар Ковачевски, постои единство во партиските редови.

– Во нашата партија и нашата коалиција има апсолутно единство во однос на гласањето на уставните измени, изјави минатиот месец Ковачевски по повод завршувањето на собраниската дебата за уставните измени.

Сепак, во изминатиов период во медиумите се појавуваа неофицијални информации за незадоволството од страна на одделни истакнати членови на СДСМ. Тоа се актуелизира во август кога во Собранието се гласаше за усвојување на дневниот ред за седницата посветена на уставните промени. Тогаш, двајца пратеници од владејачкото мнозинство не го стиснаа копчето за гласање за дневниот ред на седницата со единствена точка – расправа и гласање за потребата од отворање на Уставот за која се потребни 80 од вкупно 120 пратеници. На едниот, Илија Николовски од Партијата на пензионерите му се заглавило копчето, а другиот, Диме Велковски од СДСМ воопшто не се појави на оваа важна седница за неговата партија. Партискиот лидер Димитар Ковачевски тогаш објасни дека „отсуството на Велковски беше најавено што не значи дека нема да биде присутен на наредните седници“. Сепак, премиерот не спомна дека Диме Велковски е и единствениот пратеник од владејачката СДСМ кој не гласаше за заклучоците од францускиот предлог во јули 2022 година. 

Инаку, објавата на Костовски предизвика и бројни коментари на граѓани кои за себе наведуваат дека се членови на СДСМ.

-Во опозиција бевме обединети, потоа не раздели фотелјата, напиша еден граѓанин.

Друг напиша дека апелот доаѓа поради наближувањето на изборите.

-Сега им текна дека сме разделени кога се ближат избори им треба обединување, а после изборите пак исто. Доста не правевте будали, наведе тој.

Во коментарот на еден граѓанин се укажува дека има големо незадоволство.

-Коментарите покажуваат големо незадоволство меѓу членството од раководството и по вертикала и по хоризонтала …и тоа треба да те загрижи. Со кадровската политика и вработувањата не потонавте сите, предупреди овој граѓанин.

СДСМ се уште се нема произнесено по апелот на Костовски. Ќе има ли партиско обединување и помирување?

До сега Ковачевски повикуваше на обединување на сите граѓани во Македонија по важни прашања, ама се чини дека прво треба во неговата партијата да види може ли да се обединат.

Претходна вестДефинитивно, власта да го одложи ултимативниот рок за промена на личните документи
Следна вестВласта дефинитивно да го одложи ултимативниот рок за промена на личните документи