Има ли во општина Центар план што да се прави со урбанистичкиот план за „Треска“?

На локацијата на поранешната фабрика „Треска“ нема да се гради според решенијата од завршениот конкурс за урбанистичкото решение на оваа локација. Нова планерска куќа ќе треба да направи урбанистички план за оваа локација, но заедно со Деталниот урбанистички план за Буњаковец 1 и 2. Но, ако некој сопственик на парцела кај „Треска“ побара дозвола за градба општина Центар ќе мора да му ја издаде според стариот план кој предвидува цели блокови згради… Ова е „план“ според кој, како што вчера најави градоначалник на скопската општина Центар Горан Герасимовски треба да се решава проблемот со урбанистичкото решение за ова важно подрачје.

Дали нешто ќе биде применето од конкурсот ќе видиме, тоа треба да го кажат правниците, со оглед дека таму е приватно земјиште и не можеме да спречиме луѓето да дооформуваат парцели и да бараат да градат. Конкурсот кој беше спроведен е скапа анкета за слушање стручно мислење. Изминативе 4 години некој проблемите ги ставал под тепих за да се купи време, изјави Герасимовски

А дали вакoв „план“ може да се реализира останува да се види. Но, веќе сега е дилема како ќе биде можно нова планерска куќа да прави единствен Детален урбанистички план во ситуација кога сопствениците на парцелите ќе можат да бараат дозволи за градби на големи објекти, предвидени со стариот план? Тоа, веројатно ќе предизвикува хаос, постојани промени на состојбата на теренот, поради што ниту една планерска куќа не ќе може да направи ДУП. 

Се чини дека се нема план како да се направи урбанистички план за „Треска“ и за „Буњаковец“. Герасимовски прстот го насочи кон претходното раководство на општина Центар. Но, тоа не може сега да биде излезе од проблемот. Мора да се најде подобар план.

Претходна вестПролетно будење на градот
Следна вестМора да ја одбраниме историјата: 75 години од Институтот за историја на Филозофскиот факултет