Извршниот директор на компанијата „Мета“, која ги поседува социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Воцап“, се извини за време на сослушувањето пред американскиот Сенат. Поради големиот број случаи на злоупотреба и сексуална експлоатација на деца на социјалните мрежи, Цукерберг им се извини на семејствата чии членови се деца што претрпеле насилство на мрежите.
Цукерберг стана и им се обрати на семејствата чии членови држат фотографии од нивните деца за кои тврдат дека се повредени на социјалните мрежи. Кога почна расправата, кoмисијата пушти видео, во кое децата зборуваат за малтретирање на социјалните мрежи.
Сенаторите наведоа и голем број примери и случаи на млади луѓе што си го одзеле животот кога биле уценети за пари по споделување фотографии со сексуални предатори.
Извинувајќи се на семејствата, тој рекол:
– Жал ми е за тоа низ што поминавте сите вие. Она низ што поминаа вашите семејства никој не треба да го помине. Затоа инвестиравме толку многу и ќе продолжиме да работиме за да бидеме сигурни дека никој не мора да преживее такво нешто, кажал директорот пред американскиот Сенат, обраќајќи се на семејствата чии членови претрпеле насилство на социјалните мрежи.
Извршните директори на компаниите – сопствениците на социјалните мрежи „Мета“, „Икс“, „Тик-ток“, „Снеп“ и „Дискорд“ сведочат пред американскиот Сенат за случаи на злоупотреба и сексуална експлоатација на деца.
Сенаторот Линдзи Греам изјави дека компанијата „Мета“ и мрежите во нејзина сопственост – „Фејсбук“ и „Инстаграм“ – „имаат крв на рацете“ :
– Господине Цукерберг, вие и вашите компании имате крв на вашите раце, вие поседувате производ што убива луѓе, рекол сенаторот Линдзи Греам.