Голем инцидент се случи денеска во македонскиот парламент откако 87 пратеници не го прифатија барањето на „Левица“ да се повлече точката на дневниот ред посветена на измени на Деловникот за работа на парламентот. Пратеникот Борислав Крмов прво почна да фрла хартии со амандмани кон претседавачот на Собранието, а потоа го искрши мониторот од неговиот компјутер. До говорницата дојде и фрлаше амандмани и лидерот на „Левица“ – Димитар Апасиев.
Претходно, пратениците Крмов и Апасиев побараа седницата да биде прекината додека нивните амандмани не бидат разгледани. Крмов обвини дека амандманите кои ги поднесе заедно со Апасиев, а се 1.499 на број, не само што се одбиени туку немаат ниту архивски број.
-По која основа се отфрлени нашите амандмани, кои не се ниту заведени, немаат архивски број. Мора да ја прекинете седница, бурно реагираше Крмов.
Горан Мисовски како претседавач на седницата му велеше дека попусто е, му тече времето.
-Прекинете ја седницата. Ова е нечуено, велеше Крмов и почна да ги фрла кон Мисовски амандманите изпишани на купишта хартија.
Потоа тој посегна кон масата од која се водат седниците, ги фрли сите предмети пред него и искрши еден монитор, по што продолжи да фрла хартии низ салата. На Крмов му се придружува Апасиев кој со купче хартија-амандамни поднесени од Левица за измена на Деловникот и фрла кон Мисовски.
Во тие моменти од вратата од која вообичаено влегува собранискиот спикер, се појави Талат Џафери и веднаш се даде пауза – односно се седницата се прекина.
Инаку, претходно Апасиев побара да се тргне точката за измена на собранискиот Деловник од дневниот ред на пленарната седница и на претседателот Џафери му порача дека нема да му прости и дека во иднина услов за да „Левица“ влезе во Влада ќе биде тој да скапе во затвор.
-Отворете си ги очите што гласате и во каков консензус сте се впуштиле. Ова што ќе го направи претседателот на Собранието е без преседан во парламентарната историја. Тоа е планирано фрлање на 2.500 амандмани од Левица. Претседателе, ви давам чесен пионерски збор дека ова нема да ви биде простено. И услов за секоја идна Влада во која Левица ќе има можност да учествува ќе биде вие да скапете во затвор токму поради ова, што е ставате над Уставот и законите. Ќе видиме како ќе тече оваа точка, рече Апасиев.
За потсетување: Ова партија неодамна поднесе голем број на амандамни во обид да се спречи или барем измени донесувањето на новиот собраниски Деловник, договорен меѓу најголемите коалиции од власта и од опозицијата. Една од најголемите забелешки на Левица за новите собраниски правила за работа е дека се укинува „филибастерингот“, односно можноста за блокада на законски решенија, бидејќи амандманската расправа за Законите во редовна постапка се предвидува да биде ограничена на само пет дена независно колку амандмани има. Ова, според Левица, ќе значи дека се одзема единствената можност на опозицијата да блокира законско решение и со тоа да ја натера власта некогаш и на преговори заради подобро законско решение. Филибастерингот е практика во повеќе парламенти, не само во европските земји и во САД.