Сериозен инцидент и физичка тепачка за малку се одбегнати вечерва на собраниската седница посветена на Информацијата на Владата за преговарачката рамка и францускиот предлог. Во инцидентот учествуваа лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев и пратеникот Мартин Костовски од СДСМ.
Од видео снимка којашто ја објави телевизијата Алсат се гледа дека се случило и туркање меѓу нив при што прво Апасиев поминуваше покрај Костовски, но најверојатно по некое дофрлање се врати назад и го оттурна Костовски, а потоа овој му врати. Набрзо, тука се најдоа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој почна да ги двои, како и пратеникот Арбр Адеми.
На инцидентот му претходеше и сериозна вербална кавга меѓу Апасиев и собранискиот претседател Талат Џафери околу процедуралното барања. Апасиев го предупредил Џафери „да не му мавта со прст’.
– Прв и последен пат да ви биде, не сум ви јас дома. Ако имате реплика кон некој пратеник, ќе си земете реплика, ќе кликнете на копчето, ќе си дојдете тука или можете од место. Така е процедурата. Не можете вие со фусноти да дофрлате на секој пратеник. Почитувајте го деловникот. Земете си збор и реагирајте, не упаѓајте во нашите дискусии како ќе ви текне, му рече Апасиев, мафтајќи со прстот.
На ова Џафери одговори со зборовите:
– А кој си па ти да ми покажеш прст. Ајде збори што имаш да збориш и не ми мавтај мене тука. Имаш збор, збори што имаш да кажеш и не мавтај со рака. Не мафтај со прст, зашто може да ти биде скршен тој прст!, му се закани Џафери.