Индија денеска лансираше ракета за проучување на Сонцето, објави тамошната вселенска агенција, по историскиот успех со слетувањето на јужниот пол на Месечината со роверот Чандрајаан-3.
Во директен пренос на веб-страницата на Индиската организација за вселенски истражувања (ИСРО), која ја гледаа речиси 500.000 гледачи и со илјадници собрани во галерија за гледање во близина на местото на лансирање, ракетата полета оставајќи трага од чад и пламен додека научниците аплаудираа, известува Ројтерс.
Во август Индија стана првата земја што спуштила вселенско летало во близина на јужниот пол на Месечината.
Адитја, што на индиски значи „сонце“, се планира да пристигне во регион на вселената на оддалеченост од околу 1,5 милиони километри од Земјата, што на уредот ќе му овозможи континуиран, јасен поглед на Сонцето.
-Долгорочно, податоците од мисијата би можеле да помогнат подобро да се разбере влијанието на Сонцето врз климатските обрасци на Земјата и потеклото на сончевиот ветер, струењето на честичките што протекуваат од Сонцето низ Сончевиот систем, велат научниците од ИСРО.