Инфлацијата се спушти на 9,3 отсто во јуни 2023 година, забележувајќи скоро 10 процентни поени пад во однос на октомври 2022 година (19,8 отсто), соопшти денеска Министерството за финасии повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика.
– Ваквите податоци укажуваат дека борбата со инфлацијата и мерките што ги презема Владата го даваат очекуваното и инфлацијата од октомври 2022 година се движи во континуитет во надолна линија. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи и да се одржи едоцифрено ниво на инфлацијата, а во наредната година веќе да биде околу 2 отсто, стои во објавата на Фејсбук.
Статистичарите измерија дека во јуни во однос на претходниот месец најмногу поскапело свежото и разладеното овошје за 13,2 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 6,7 отсто, додека шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи поскапеле за 2 отсто, виното за 0,8 отсто, сирењето и урдата за 0,7 отсто.