Годишната стапка на инфлација мерена преку порастот на трошоците на живот, во септември изнесувала 6,6 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. Позитивен сигнал е инфлацијата во септември беше помала и во однос на август. За споредба, според потаоцците на ДЗС, во август инфлацијата на годишно ниво беше 8,3 отсто, а еден месец пред тоа 8,4 отсто, додека во јуни изнесуваше 9,3 отсто.
Намалување на индексите на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 2,7 отсто, маслото и маснотиите за 1,7 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,3 отсто и млекото за 0,4 отсто.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 34,8 отсто, туристичките аранжмани за 7,1 отсто, производите за домаќинството – нетрајни за 0,8 отсто, другите печатени материјали за 0,4 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0,3 отсто, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.
Пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај жестоките пијалаци за 2.3 отсто, јајцата за 2,0 отсто, виното за 1,9 отсто, сирењето и урдата за 1,2 отсто, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,0 отсто, кафето, чајот, какаото за 0,9 отсто, рибата и морските плодови за 0,7 отсто, лебот и житата за 0,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,5 отсто.
Инаку, Светска банка во најновиот извештај посочи дека Македонија годинава ќе ја заврши со инфлација од 9,1 отсто, што е повисоко од владините очекувања дека до крајот на годината ќе се сведе на 5 отсто која ќе биде меѓу пониските во регионот и Европа.