Иницијативa НаТочак реагира: Новата велосипедска лента на „Гологанов“ стана бесплатен паркинг

Новата велосипедска лента на реконструираниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ веднаш е пренаменета во бесплатен простор за возила, реагира  граѓанската иницијатива На Точак

Се работи за делот на „Гологанов“ од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до кружниот тек со раскрсница на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“, кој беше реконструиран од Град Скопје, а на кој се изведе и велосипедска патека и лента. Од Иницијативата потсетуваат дека при најавата на проектот, скопската градоначалничка Данела Арсовска изјави дека со овој проект се решава еден голем проблем за жителите кои редовно транзитираат на овој дел на центарот на градот и дополнително се зголемува безбедноста и сигурноста за учесниците во сообраќајот.

-Секако за поздрав е секоја нова воведена велосипедска сообраќајна површина, но само во случај истата да е функционална и безбедна. На приложената слика, јасно се гледа дека новата велосипедска лента, од креативните возачи на автомобили, веднаш е пренаменета во бесплатен паркинг простор за возила, укажувата од На Точак.

Во реакцијата се наведува дека имајќи ги предвид досегашните искуства со постоечките вело ленти во градов (бул. „Св. Климент Охридски“, Центар, ул. „Московска“, Тафталиџе, ул. „Борис Сарафов“, Ѓорче Петров и други), кои поради големиот простор помеѓу две заштитни столбчиња, овозможуваат косо паркирање возила на велосипедската лента, евидентно е дека надлежните не водат сметка за лошите/нефункционални пракси од минатото и истите ги повторуваат.

-Оваа пракса воспоставена веднаш по пуштањето во употреба на новата вело лента, ако во старт не се искорени, функционалноста, безбедноста и сигурноста кои ги заговара градоначалничката во изјавата, ќе бидат уништени во самиот зародиш.

Апелираме пред да се штиклира оваа вело делница од Градот, како завршена, надлежните да ја обезбедат нејзината функционалност и да овозможат непречено движење на велосипедистите. Толерирањето на паркирање возила на вело лента, го прави Градот соучесник во стимулирањето НЕбезбедност и НЕсигурност во велосипедскиот сообраќај, потецнираат од На Точак барајќи да се реши проблемот.

Претходна вестДончевски: Јунаци, моја почит кон сите вас, вие го кренавте македонскиот фудбал
Следна вестСе слават Младенци, празникот на љубовта и младоста во спомен на мачениците од Севастија