Иницијатива „НаТочак“: Ако се усвои регулациски план за Влае 2 ќе нема велосипедска мрежа

Ако се усвои предложениот регулациски план за населбата Влае 2 ќе биде оневозможено формриање на функционална велосипедска мрежа во овој дел од градот, предупредува граѓанската иницијатива „НаТочак“. Ова граѓанска организација бара итно укинување на овој план и негово враќање на доработка.

Во моментот, во овој дел постои државно земјиште и потенцијал за изградба на попречна велосипедска врска низ Влае, линеарен парк за жителите и безбедни тротоари до училиштето „Димо Хаџи Димов“. Велосипедската врска би можела да поврзе две постоечки велосипедски патеки на растојание од речиси еден километар, но, со вчерашното усвојување на планот од страна на Град Скопје, оваа можност ќе се укине, бидејќи тој слободен простор се пренаменува за домување. Ова е воедно и единствената можност за поврзување на бул. „Партизански одреди“ и ул. „Васил Чакаларов“ со попречна патека, се потенцира во обраќањето на љубителите на велосипедите.

Во овој план, опфатена е населбата Влае 2 – од Порта Влае на запад до реката Вардар на исток. Тој ги вклучува и просторот спроти ОУ „Димо Хаџи Димов“ и „Кино Влае“, како и просторот покрај улицата „Ангел Динев“ кои, исто така, од јавен простор се претвораат во станбен.

Ако градот се грижи за јавниот интерес и ако навистина се залагаат за велосипедско Скопје и за Скопје – зелена престолнина, овој план мора да биде повлечен. Доколку овој простор остане  јавна површина и се уреди со парк, зеленилото би било трипати поголемо од сега предвиденото со новиот план, велат од иницијативата.

Претходна вестХрватска откако е во ЕУ останала без 200.000 жители
Следна вестЗа 72 часа казнети 18 лица, возеле и си муабетеле на мобилен телефон