Инспекторите од утре ќе бидат на терен за да ги контролираат трговците дали постапиле во согласност со одлуката на Владата за ограничување на маржите на училишниот прибор, информира денеска директорот на ДПИ Горан Трајковски. Во објавата на неговиот профил на фејсбук тој наведе дека инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности што произлегуваат од владината одлука, а според Законот за трговија.
-Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало, вели Трајковски.
Според мерката, со замрзнати маржи од 5 отсто во големопродажба и 10 отсто во малопродажба ќе се продаваат тетратки, ранци, боици, пластелин, фломастери, маркери, мрсни, акрилни и водени бои, четки, линеари и дидактички материјали, острилки, гуми за бришење, ножици, футроли, шестари, дигитрони, компаси, табли, креди.
-Законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат, додава Трајковски.