Случајот со родилката од Дебар е толку силен што се уште ја интригира јавноста иако во македонија сме навикнати на непишаното начело – секое чудо за три дена. И добро е што јавноста покажува упорност овој случај да не отиде во заборав.
Добро е што еве сега и Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата бара поконкретна реакција од Лекарската комора. Таа реагира на начинот на кој се разрешува случајот во кој на родилката Јилдиз Веапоска и биле извадени три органи при породување.
-Лекарската комора не утврди грешка. Па може и нема грешка, има намера… Не може некој да влезе и да излезе без органите. Ќе го повторам прашањето: Што гарантира лиценцата? Дали лиценцата на еден доктор гарантира дека тој е стручен, професионален и оти тој обезбедува сигурност и безбедност на пациентот? Па сега после вакви настани колку пациентите ќе бидат безбедни и да одат во болница и после анестезија, кога ќе се разбудат ќе бидат со сите органи?, изјави Ивановска во интервју за телевизијата Сител.
Таа додава дека “не и е јасно како може некој да влезе во болница, да биде сè во ред и да излезе без три органи“.
-Ова како граѓанин си го поставувам како прашање. Она што можеби ние ќе го детектираме како случај во ДКСК е позицијата на господинот Асани како директор на клиниката, бидејќи за него се утврдило дека има ординација која работи на диво. Кој може да гарантира дека тој не ги пренасочува пациентите во својата дива ординација, рече Ивановска во Утрински брифинг, додавајќи дека од тој аспект ДКСК треба да ја доведе во прашање неговата одговорност и оти само тој дел е во нивна надлежност.
Инаку, пациентката Јилдиз Веапоска продолжува да си ја бара вистината за нејзиниот случај и причините за вадењето на матката, бубрег и еден јајник. Примероците на органите таа ги земала од Институтот за патологија и најавува дека ќе ги носи и во странство поради разочараноста од домашните здравствени институции.
Истовремено, во јавноста се се погласни барањата да се дознаат деталите од извештајот на Лекарската комора во кој се наведува дека немало грешка. Се бара и институциите да реагираат побрзо за да не се заташка случајот. А тој мора целосно да се расветли за да се утврди сечија одговорност и да не се загуби довербата во здравствениот систем.