Инвестициски план или план за стечај на Македонија?

Koлумна на Никола Тасев:

Секоја компанија, организација, секое семејство прават планови за иднината! Така функционираат и државите: планираат, реализираат и се развиваат. И нашата Влада прави планови. Ја бива за тоа. Не бомбардираат постојано со нови и нови планови. Де планот 3 – 6 – 9 за итни реформи, па планот за заживување на слободните економски зони, па план за 5 милијарди евра инвестиции, па планот Акција 21 за Европа дома и најновиот, од пред некој ден – планот за 8 милијарди евра нови инвестиции во Македонија. Заедничкото на сите нив е дека се означени и како акциони планови. Планови има многу, ама акцијата никако да дојде! Точно четири години откако се на власт само нешто планираат и можеби затоа не им останува време и да почнат да реализираат!

Нема да ги коментирам претходните планови, затоа што и така не се реализирани, но најновиот за „8-те милијарди” е за размислување и за прашање: Треба ли да се радуваме или да се исплашиме?

На прво читање – делува добро! Се потрудиле, опфатиле се и испланирале. Но, при второто и третото читање се појавува прашањето што тоа испланирале: раздавање на државните ресурси на странски и домашни компании по принципот на приватно – јавно партнерство со минорна контрола од државата.

И без да сакаш се наметнува прашањето: оди ли Македонија со овој План кон развој или кон подготовки за стечај!? Ќе го огрее ли народот сонце или некои газди ќе станат уште побогати врз грбот на оние кои ќе останат неогреани? Ќе стане ли Македонија податлива на коорпоративниот капитализам, каде што одделни компании ќе раководат со природните ресурси, со што всушност ќе бидат еден вид на газди на државата и на граѓаните?

Кога пред четири години Зоран Заев ја презеде премиерската позиција велеше дека Македонија е пред стечај: презадолжена, со ниско ниво на инвестиции, со нефункционален правен систем и со огромна корупција. И голем дел од народот му ја даде поддршката да ја извади државата, да тргне кон развој, да биде современ менаџер, а не стечаен управник, кој ќе се расфрла со државните ресурси. Лесно е да се биде стечаен управник: распродавај се на парче и на рати, одржувај го стечајот што подолго за да бидеш важен – потребен, а преку платена медиумска пропаганда промовирај планови кои распродажбата ќе ја претставуваат како спасување.

А инаку, додека власта не подготвува за распродажба на државните богатства, секој ден слушаме фалби дека економијата заздравува, дека ни оди, дека имаме раст… Па зошто тогаш Владата планира распродажба? Ако на некоја компанија добро и оди и се развива, размислуваат ли нејзините менаџери за распродажба на капацитетите?

Историјата памети дека имало држави што буквално банкротирале. И соседна Грција отиде во стечај во 2010 година, ама максимално се трудеше суверенитетот да си го зачува. А ние? Ем ни оди, ем имаме стабилна економија и ем растеме и пак се подготвуваме да распродаваме. И тука неизбежна е дилемата: Ако ни оди, зошто треба да се распродаваат државните ресурси, а ако не ни оди, зошто се уште оваа Влада раководи со Македонија?

Но можеби и не е се така црно! Имајќи ја предвид историјата на власта за реализирање на планови, најверојатно и за овој План од 8 милијарди ќе се збори уште некој ден и ќе се покрие наскоро со некоја друга папка – нова приказна за нов спасоносен план. ​

 

Претходна вестПет филмови избрани во официјалната селекција за „Филмај 2021“
Следна вестНе стигнаа ветените руски вакцини, ќе се бара информација од Амбасадата