Иран со дронови и проектили го нападна Пакистан, Пакистанците најавија дека ќе се одмаздат

Иран изврши серија напади со дронови и проектили врз цели во Пакистан. Мета на иранскиот напад бил штаб на сунитска милитантна група која според „Ал Арабија“, се спротивставува на Техеран во Пакистан. Новинската агенција „Тасним“ објави дека два „важни штаба“ на Џаиш ал-Адл што во превод значи Армија на правдата во Пакистан биле „уништени“.

Агенцијата соопшти и дека нападите биле насочени кон област во пакистанската провинција Балучистан „каде што се наоѓало еден од најголемите штабови на групата.

Пакистан остро го осуди иранскиот воздушен напад во кој загинаа две деца, нарекувајќи го „неиспровоцирано нарушување на воздушниот простор“ и заканувајќи се со одмазда. Иран тврди дека користел „прецизни проектили и беспилотни летала“ за да уништи две упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во областа на селото Кох-е-Сабз во пакистанската југозападна провинција Балучистан.

Нападот доаѓа откако еден ден претходно Иран лансираше проектили врз северен Ирак и Сирија, што е најновата ескалација на непријателствата на Блискиот Исток.

Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека во нападот на нејзина територија биле убиени „две невини деца“ и го предупреди Иран на „сериозни последици“.

Тие го опишаа воздушниот напад како „неиспровоцирано нарушување на неговиот воздушен простор од страна на Иран во пакистанска територија“.

– Уште позагрижувачки е што овој незаконски чин се случи и покрај постоењето на неколку канали за комуникација меѓу Пакистан и Иран, додаваат тие во соопштението.

По нападот, нуклеарно вооружениот Пакистан поднесе „силен протест“ кај висок функционер во иранското Министерство за надворешни работи во Техеран и го повика иранскиот вршител на должноста, велејќи дека „одговорноста за последиците ќе биде директно на Иран“.

Милитантната група Џаиш ал-Адл доцна синоќа објави дека иранската Револуционерна гарда употребила шест нападни беспилотни летала и налет од ракети за да уништи две куќи во кои живееле децата и жените на нејзините борци.

Властите во провинцијата Балучистан изјавија за Си-ен-ен дека две девојчиња се убиени, а најмалку четири лица се повредени. Тие истакнаа дека станува збор за девојчиња на возраст од осум до 12 години, кои биле во оштетени куќи во селото Кох-е-Сабз.

Локалниот функционер Мумтаз Кетран истакна дека мета била и џамијата во близина на куќите и дека била погодена за време на нападот. Селото Кох-е-Сабз, на околу 50 километри од пакистанската граница со Иран, е познато како дом на Мула Хашим, поранешен командант на Џаиш ал Адл, кој беше убиен во судирите со иранските сили.

Претходна вестШвајцарски научници развиваат метод за „лемење“ на рани наместо зашивање
Следна вестГрците кај нас пазарат поевтино, Македонците кај нив пијат кафе и јадат гиро…