Исчезна 21-годишна девојка во Илинден

Дваесет и едногодишна девојка Енкеледа Чела – државјанка на Албанија, исчезна во скопската населба Илинден. Нејзината другарка, Јоана која ја сподели објавата за исчезнатата девојка, во изјава за „Макфакс“ вели дека последен пат ја видела во петокот вечерта.

-Во петокот околу 20-21 часот пиевме кафе. Потоа таа и уште една наша заедничка пријателка со која заедно живееја, се упатиле кон домот. Сепак, Ени практикуваше да се прошета малку сама пред да се врати во станот и таа ноќ го направила истото, но потоа не се вратила назад . Според нашите информации ја виделе на бензинската пумпа во Илинден следното утро помеѓу 5 и 7 часот сабајлето, но уште не можеме да тврдиме дали навистина била таа додека не бидат прегледани камерите, раскажа нејзината другарка.

Енкеледа Чела студира на Економскиот факултет во Скопје со дозвола за престој. Според описот на објавата на социјалните мрежи, висока е 160 сантиметри има црвено кафеава коса, кафени очи и носи протези на горните заби. Во моментот на исчезнувањето била облечена во фармерки и црна јакна, а на себе носела ранец.

За исчезнувањето информирано е и нејзиното семејство кое живее во Албанија. Девојката не се вратила кај нив, а тие се на пат кон Македонија за да ја бараат.

Нејзината другарка вели дека иако биле многу блиски, таа не споделила со другарките дали има некаков проблем, ниту пак кажала дека сака да ја напушти државата. Сепак, вели другарката, во последните денови им делувала загрижено и нервозно, иако тврдела дека се ‘ е во ред.

Нејзината фотографија е објавена на социјалните мрежи, а случајот е пријавен во МВР.

-На 30.03.2024 во ПО Петровец Г.Т. пријавила дека Е.Ч.(20) од Република Албанија се оддалечила од домот во Скопје каде престојува. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, велат од МВР за „Макфкакс“.

Претходна вестЧетири лица повредени во сообраќајка кај надвозникот во Маџари
Следна вестПутин потпиша указ за регрутирање на 150.000 војници