Исчезнат скијач во ски-центар во Грција, пронајден жив по речиси 24 часа

Среќен крај имаше исчезнувањето на 23-годишниот скијач, по кој од вчера беше спроведена огромна акција за негово пронаоѓање во ски-центарот Сели во северна Грција, а денеска, нешто помалку од 24 часа од исчезнувањето беше пронајден жив и според првичните информации, во добра здравствена состојба.

Младиот скијач веројатно се дезориентирал и се оддалечил од ски-центарот, а нашол засолниште во шумска караула што се наоѓа на поголема оддалеченост и вон границите на ски центарот.

Според грчките медиуми, 23-годишниот е искусен скијач, падобранец и обучен да преживее во тешки услови.

По пронаоѓањето, се очекува превентивно да биде префрлен во болница, а според првичните информации е во добра здравствена состојба.

Скијачот исчезна вчера, откако во ски-центарот се оддалечил од пријателите во друга насока и му се загубила трагата, последен пат го виделе околу 14 часот, го чекале до 16 часот и откако не дошол на договореното место, а мобилниот му бил исклучен, ги информирале надлежните.

Веднаш започнала акција за пронаоѓање на 23-годишниот со учество на спасувачки тим на противпожарната служба со 35 пожарникари и 15 возила, специјално возило, планинарски спасувачки екипи, специјални единици, спасувачко куче, хеликоптер, полицајци, термички камери, како и волонтери.

Пронајден беше од група пожарникари, нешто помалку од 24 часа откако му се загуби трагата, околу 13 часот по локално време.

Претходна вестСиљановска ја образложи одлуката за ветото, Мицкоски најави корекции: Ќе биде прецизно формулирано
Следна вестГрадоначалникот Ѓорѓиевски и отец Оливер подготвија оброци за социјално загрозените семејства за Божиќ