Исчезнуваат надежите за спасување на затрупаните, бројот на жртвите надмина 16.000

Бројот на жртвите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија надмина 16.000 лица но се стравува дека ќе биде значително голем бидејќи исчезнуваат надежите дека ќе се спасат многумина од се уште затрупаните граѓани. Спасувачките напори веќе ја минуваат границата од 72 часа што експертите за катастрофи го сметаат за најверојатен период за спасување животи.

-Повеќе од 90 проценти од преживеаните на земјотресите се спасуваат во првите 72 часа. Сепак, тој број значително зависи од временските услови, афтершоковите и колку брзо спасувачките тимови можат да дојдат до местото. Сите фактори моментално не им одат во прилог на погодените подрачја во Турција и Сирија, вели Илан Келман, професор по катастрофи и здравство на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Официјални и медицински лица соопштија дека 12.873 лица загинале во Турција и 3.162 во Сирија од потресот од понеделникот од 7,8 степени по Рихтеровата скала, со што потврдениот вкупен број достигна 16.035. Погодените области првично беа тешко достапни, но како што напредуваше спасувачката работа, бројот на жртвите се зголемуваше.

Во Турција расте револтот поради наводниот бавен одговор на властите и итните служби по земјотресот, додека критичарите ја обвинуваат владата дека е слабо подготвена. При вчерашната посета на тешко погодената провинција Караманкараш, претседателот Ердоган призна дека владата се соочила со некои проблеми, но ситуацијата сега била под контрола.

Многу од преживеаните во Турција и во Сирија останаа без покрив над главата и спијат во автомобили, засолништа или надвор, на студ, дожд и снег во некои области. Во Турција веќе три месеци е прогласена вонредна состојба во 10 провинции, а помош пристигнува од целиот свет.

Светската здравствена организација предупреди дека смрзнувачките температури би можеле да им нанесат дополнителни повреди на преживеаните. Во некои урбани средини тие се спуштаат до минус шест степени. Во соседната Сирија, спасувачките напори се отежнати од веќе уништената инфраструктура поради долгогодишната војна. Европската Унија потврди дека ќе испрати помош во Сирија од 3,5 милијарди евра.

Претходна вестУтринскиот студ ќе го заменат сонце и малку облаци
Следна вестПациенти со цистична фиброза: Пред Влада ќе се збогуваме од Благојче, жртва на интерноста на системот