Истрага за двојно убиство во Гевгелија: Им замерил за тужбата за оштетената тераса па ги убил

Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторил две кривични дела  -Убиство од член 123 од Кривичниот законик, донело Основното јавно обвинителство Гевгелија.

Во соопштението се наведува дека осомничениот 69-годишник, на 24 септември, со умисла ги лишил од живот сопствениот брат и неговата сопруга, со кои живееле во иста семејна куќа со различни влезови.

-Кога ги забележал оштетените како се паркираат со нивното возило пред дворот на куќата, осомничениот излегол во дворот, држејќи ја во рацете приватната тужба поднесена против него од починатите за кривично дело – Оштетување туѓи предмети, се наведува во информацијата на Јавното обвинителство.

Се додава дека двајцата браќа имале нарушени меѓусебни односи и не разговарале повеќе од 40 години, но починатите тужбата ја поднеле неодамна, бидејќи осомничениот, ставајќи олуци на куќата, скршил плочки и ја оштетил оградата од нивната тераса.

-Кога им забележал за поднесената тужба, тие не сакале да разговараат со него, па осомничениот влегол дома и го зел пиштолот марка „Црвена застава“, со калибар 7,62 милиметри кој го поседувал со дозвола. Потоа испукал повеќе куршуми кон братот и снаата, кои од здобиените повреди тие починале на самото место, се наведува во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Претходна вестСончево со малку облаци
Следна вестНикола Ѓурѓај за пописот во Албанија: Се нудат бугарски државјанства како на пазар