Раст од 3 отсто на евроскептицизмот и на поддршката кон Евроазиската унија како алтернатива на членството во ЕУ од 13 проценти во 2020 година, во споредба со 2019, покажуваат два истражувачки труда на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје.
Како најважни фактори за ваквите ставови на граѓаните на Македонија се наведуваат заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација.
Во истражувањето очигледен е и порастот на негативните перцепции кон соседите и нивното сојузништво во евроинтегративниот процес.
За разлика од минатите години, кога причините во пристапниот процес се гледаа повеќе во неостварување на домашните реформи, сега повеќе од половината од граѓаните најголемиот проблем за македонскиот пристапен процес го насочуваат кон позициите на соседните држави, што е за 20 проценти повеќе од минатата година.
Европска унија и натаму се гледа како најголем сојузник, но оваа перцепција бележи опаѓање од 7,6 проценти во однос на 2019 година.
САД го преземаат водството на ЕУ како фактор со најголемо влијание, додека пак Русија низ годините бележи благ пораст во однос на перцепцијата за нејзиното влијание, иако ЕУ се’ уште се гледа како најголем финансиски донатор во земјава.