Истражување кај нас: Намалена ефикасност на вакцините против ковид кај повозрасните мажи

Нема големи разлики во тоа која вакцина против ковид е примена, кога станува збор за спречување смрт, но имаа разлики во спречување хоспитализација. Една доза вакцина против ковид-19 е недоволна за спречување тешки исходи од болеста.

Ова се дел од првичните, прелиминарни резултати кои се дел од тековно истражување на ефективноста на вакцинацијата кај македонската популација. Истражувањето го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

Во оваа анализа биле следени сите корисници на националниот електронски здравствен систем „Мој термин“ од денот на првата регистрирана вакцинација (15 јануари 2021) до 30 септември 2021. Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари беа вклучени во анализата, вклучувајќи 779.558 вакцинирани испитаници кои примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 невакцинирани испитаници. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41.33 отсто биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37.78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот „Фајзер“ и вакцината „Синовак“.

Анализата покажува дека вкупно 30136 лица биле хоспитализирани од ковид-19 од почетокот на епидемијата (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6.542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните изнесувала 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена по хоспитализација. Сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи.

Од 15.01.2021 до 30.09.2021, од вкупно 16.691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација, кај 701,148 целосно вакцинирани (0.159 отсто), додека 15,577 хоспитализации биле регистрирани кај 1,119,139 невакцинирани (1.391 отсто). Грубата проценка на ефективноста на примени две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 88.727 отсто (95 отсто интервали на доверба (ИД): 88.017- 89.400 отсто), се наведува во анализата.

Постарата возраст и машкиот пол, како што се наведува, значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените. Поради тоа што популацијата вакцинирани беше во просек речиси 10 години постара од популацијата невакцинирани и затоа што вакцините од различни производители се нудени на различни возрасни групи, процената на ефективноста беше коригирана за пол и возрасни групи (граѓани од 65 години нагоре наспрема помлади од 65 години). Со тоа, коригираната ефективност на примени две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 90.604 отсто (95 отсто ИД: 90.018- 91.166 отсто).

Според анализата, две дози од вакцината „Фајзер “ покажала највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена од вакцината „Астра зенека“) и вакцината „Синовак“, сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините „Синофарм“ и „Спутник“ покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но се уште имаа висока ефективност, над 80 отсто.

Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи на кввид-19 во периодот 15.01.2021-30.09.2021, само 179 смртни случаи биле целосно вакцинирани, додека 3.642 смртни случаи се невакцинирани.

Претходна вестУлични зафати во Даме Груев ги сменија трасите на линиите 22, 22А и 64А
Следна вестНа плоштадот Скендербег утре ќе се оддава почит на загинатите во автобуската несреќа