Истражување за сексуалното вознемирување на УКИМ: Професори се обраќаат на студенти со „кукле“, „маче“, „злато“…

Сексуалното вознемирување постои на најголемиот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а најголелмиот број на студентите на знаат каде да го пријават. Ова го покажало истражувањето „Перцепцијата и искуството на студент(к)ите при УКИМ со сексуално вознемирување”, спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението Младински мировен хаб и Фондацијата „Фридрих Еберт” – Скопје.

Резултатите покажале дека еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче”, „злато”, „кукле”, „маче”. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед, по што се чувствувале непријатно и сексуализирано. Дури 88,5 проценти од студентите не знаат каде можат да пријават сексуално вознемирување што се случило на УКИМ.

Теодора Милеска, дипломирана студентка на Меѓународните интеркултурни студии при Филозофски факултет, која била дел од истражувачкиот тим, на денешната презентација рече дека се свесни за раширеноста и распространетоста на оваа појава на УКИМ.

-Ова истражување имаше за цел да ја пробие таа стигма и сексуалното вознемирување да го направи помалку табу тема со тоа што, нели, ќе имаме конечни наоди и резултати кои укажуваат која е реалната состојба кај нас, рече таа.

Истражувањето покажува дека дури 47,8 отсто од студентите одговориле дека биле во ситуација во која биле кажувани сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на колега или колешка. Само 4,6 отсто од студентите одговориле дека пријавиле или знаат некој кој пријавил сексуално вознемирување, а приближно секој петти студент (18,4 отсто) не пријавил сексуално вознемирување, бидејќи не знаел каде може да пријави. Повеќе од половина или 51,8 отсто од студентите одговориле дека УКИМ „не ги штити” и „воопшто не ги штити” студентите од сексуално вознемирување. Дури 56,78 проценти од студентките сметаат дека УКИМ воопшто не нуди заштита од сексуално вознемирување, наспроти 33,33 отсто од машките студенти.

Претходна вестСловенците донесоа закон за деполитизација на јавната телевизија
Следна вестУкраинец и Унгарец уапсени на Прешево-Табановце со 268.000 евра