Зад Итан Хап се неколку одработени тренинг-сесии со нашиот национален тим. Треба да биде од голема помош на оние наши, условно кажано, високи играчи кои треба да бидат заштита на нашиот рекет, на нашиот кош во овој прв ФИБА „прозорец“ од новииот циклус од квалификациите, сега за пласман на Европското првенство во 2025 година.
Овој 27. годишен кошаркар, како што вели, со потекло од Илиноис, полека се аклиматизира на новите „услови за работа“.
Вели дека е возбуден пред почетокот на еден нов предизвик кој со себе го носи играњето за националниот тим, во овој случај, на Македонија:
– Среќен сум што ова, возбудливо е за сите нас, а особено за мене бидејќи е голема чест што сум Македонец и што ќе играм за Македонија. Ни претстои голема борба против Естонија и Полска и возбуден сум поради она што не очекува. Презадоволен сум од приемот овде, сите се гостопримливи, почнувајќи од претседателот на федерацијата, Перо Антиќ, па до соиграчите во репрезентацијата. Убаво ми е, работиме на хемијата во тимот, имаме само неколку дена, но се обидуваме максимално да ги искористиме, кажал Хап.