Укинување на Законот за легализација на бесправно изградени објекти побара Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција. Таа смета дека негоите законски решенија претставуваат еден од изворите. на корупција во општеството.
– Извор на корупција е Законот за дивоградби, односно за давање на правен статус на бесправно изградените. Од самото име се гледа каков вид на закон е тоа, значи тој закон треба да се укине веднаш. Доколку државата сакала да им помогне на сиромашните граѓани тоа можела да го направи на други начини, а оти носењето на овој закон во најголем дел го чекаат некои, како што вели, крупни бизнисмени кои сакаат да си ги легализираат своите дивоградби, рече Ивановска во синоќешното гостување на „Топ Тема” на ТВ Телма.
Таа побара и веднаш да запре продажбата на државно земјиште.
-Најголем проблем во оваа насока е како се прават деталните урбанистички планови бидејќи тие го отсликуваат јавниот интерес кој што општината треба да го спроведе во својот дел. Која е целта на државата, да го испродаде цело државно земјиште, дали е тоа целта, и тоа по багателна цена? Ако државата треба да го обезбеди јавниот интерес на граѓаните, не може тоа да го направи преку приватно земјиште. Решението дека со 30 отсто, 70 отсто да се докупи за да се дооформи парцела е исто така извор на корупција. Земјиштето кај „Холидеј Ин” така беше продадено. И тоа не е само тоа парче, се увиде дека има многу, многу земјиште така продадено, вели претседателката на ДКСК, Ивановска.