Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор во Македонија, најверојатно веќе се наоѓа на Косово. Луан Јахири, потпретседател на организацијата на воени ветерани на УЧК од Урошевац (Феризај), во гостување на косовската телевизија Т7 вчера изјави дека Блерим Рамадани, кој избега од Македонија, моментално се наоѓа во Косово. Рамадани беше бараан за екстрадиција од страна на Србија. Јахири додаде дека разговарал со Рамадани и дека планира наскоро да се сретне со него.
-Со Блерим денеска не разговаравме долго, го пофалив за одлуката што ја донесе, бидејќи тешко ќе беше да се врати во затворски притвор, а уште потешко да биде екстрадиран во Србија. Кога ќе се видиме, ќе му ја искажеме нашата поддршка и ќе му препорачаме да се пријави во нашите институции за да се расчисти целото прашање, изјави Јахири, пренесува порталот „Репортери.нет“.
Од друга страна, извесен Несрет Шашивари од Косово на Фејсбук сподели фотографија за која вели дека е направена вчера на Косово заедно со Рамадани.
-Чичко Блерим Рамадани, добре дојде дома, во нашиот роден град, напиша тој во објавата на оваа социјална мрежа.
Во меѓувреме, нема потврда од косовските и од македонските власти дека Рамадани е на Косово.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово вчера соопшти дека од косовската амбасадата во С Македонија е информирано оти властите во земјава ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на свои роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.
-Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на г. Рамадани дека безбедносната мерка му била преиначена од куќен притвор во притвор, во времето кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд, велат од косовското МНР.
Оттаму додаваат оти немаат други официјални информации од македонските власти.
-Потсетуваме дека, според нашите информации, Основниот кривичен суд Скопје на 8 август одлучи да не го екстрадира Блерим Рамадани во Србија. Во наредните денови ја чекаше конечната пресуда на Врховниот суд, се додава во соопштението на МНР на Косово.