Според неофицијалните резултати од вчерашниот прв круг на парламентарните избори во Франција, екстремно десничарската партија Национален собир е голем победник во првиот изборен круг со 33,5 отсто освоени гласови, што значи дека партијата би можела да обезбеди меѓу 240 и 270 пратениците во новото свикување на Народното собрание, се наведува во анализата на агенцијата Ифоп.
Таа партија, чиј лидер е Жордан Бардела, не би имала апсолутно парламентарно мнозинство, но би можела да освои најмалку 150 парламентарни места повеќе отколку по изборите во 2022 година, пренесува Фигаро.
Левичарската коалиција Нов Народен фронт со 28,5 отсто од гласовите ќе има меѓу 180 и 200 пратеници, пред политичката коалиција на Макрон која освои 22,1 отсто од гласовите и може да обезбеди меѓу 60 и 90 пратеници.
-Французите „дадоа апсолутна пресуда“ во првиот круг од француските парламентарни избори, изјави 28-годишиот Бардела.
Се чини дека тој се доближува до палатата Матињон, каде што е канцеларијата на францускиот премиер, јавија француски медиуми.
-Вториот круг на 7 јули ќе биде „еден од најодредувачките во целата историја на Петтата република“, која беше основана во 1958 година, додаде Бардела.
Тој вети дека ако ја предводи следната влада, ќе биде премиер на сите Французи, ќе го почитува уставот, ќе работи со претседателот Макрон, но и ќе биде бескомпромисен.
-Дојде време за големо, јасно демократско и републиканско обединување за вториот круг, повика Макрон во писмената изјава. Сепак, тој не прецизираше какво однесување да се следи.
-Екстремната десница е пред портите на моќта“, предупреди премиерот Габриел Атал и повика „да не се дава ниту еден глас на Националниот собир.
Ист повик упати и лидерот на крајно левичарската партија „Непокорна Франција“, Жан-Лук Меланшон, водечка фигура во формацијата „Нов народен фронт“.
Конзервативната Републиканска партија, која освои околу 10 отсто од гласовите, одби да ги повика гласачите да гласаат против екстремната десница во вториот круг.
Излезноста на гласачите во првиот круг беше најмалку 65 отсто. За споредба, во 2022 година изнесуваше 47,57 отсто.
Резултатот е тежок пораз за Макрон, кој сметаше дека на овие предвремени избори ќе го зголеми релативното мнозинство што неговата партија и нејзините сојузници го имаа во Долниот дом. Ова сега изгледа крајно неверојатно. Доколку ниту еден од таборите не добие апсолутно мнозинство, како што покажуваат предвидените резултати, Франција ја чека тешки преговори за формирање коалициска влада, јави ДПА.