Натпреварот „Недела на дебелите мечки 2023“ во САД, ја круниса женката кафеава мечка по име „128 Грејзер“ од Националниот парк Катмај на Аљаска, како „најубавата дебела“ единка од својот вид. – Таа е олицетворение на убавината и грациозноста, напиша Службата за национални паркови на САД на Инстаграм.
За победникот на натпреварот гласа американската јавност со споредување на фотографии и снимки од мечките. Почнат како шега во 2014 година, натпреварот сега претставува сензација во САД. За овогодишното издание се регистрирани повеќе од 1,3 милиони гласови.
При изборот на омилената мечка, луѓето во живо ги следат „кандидатките“ кои јадат и до 45 килограми риби лосос дневно. Невладината екоорганизација „Експлор“ е организатор на натпреварот.
Налето и наесен, мечките добиваат до 50 отсто од својата тежина. Ова за нив е клучно „складирање резерви на храна“ пред зимската хибернација, при којашто овие животни се кријат во своето засолниште и спијат пет месеци, дури и без да пијат вода. Насобраните масти им служат како храна во тие неколку месеци.