Избрани нови лидери на ЕУ: Фон дер Лајен доби нов мандат, Калас го замени Борељ, Коста на чело на Европскиот совет

Самитот на Европскиот совет заврши во Брисел, каде лидерите на ЕУ ја предложија актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за кандидат за нов мандат на чело на ЕК, естонската премиерка Каја Калас за кандидат за Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, а поранешниот португалски премиер Антонио Коста за претседател на Европскиот совет.

Фон дер Лајен на прес-конференција по самитот на лидерите на ЕУ рече дека и е чест и задоволство што може да го сподели „овој посебен момент“ со естонската премиерка Каја Калас, која е назначена за шефица на европската дипломатија и поранешен португалски премиер Антонио Коста, кој беше избран за нов претседател на Европскиот совет.

-Сега ќе барам потврда за моето именување од Европскиот парламент, откако ќе ги претставам моите политички насоки за следните пет години, изјави Фон дер Лајен.

Таа на прашањето за идната соработка со Коста истакна дека многу се радува на соработката со него.

На прес-конференцијата Калас повтори дека е почестена од поддршката на Европскиот совет, наведувајќи дека тоа е огромна одговорност во време на геополитички тензии.

Именувањето на Фон дер Лајен и Калас на функцијата претседател на Комисијата, односно шеф на европската дипломатија, сега мора да го потврди и Европскиот парламент. Од друга страна, самиот Европски совет го избира својот претседател

За време на самитот, лидерите разговараа и за ситуацијата во Украина, Блискиот Исток, безбедносните и одбранбените прашања, конкурентноста, како и миграцијата, Грузија, хибридните закани, Црното Море и поддршката за Молдавија.

Тие ја усвоија и стратешката агенда за периодот од 2024 до 2029 година, односно политичкиот план кој ја одредува насоката на дејствување и целите на ЕУ.

Претходна вестДрво падна врз три возила во Карпош, погон на скопска фирма под вода
Следна вестМицотакис го информирал Европскиот Совет за „директното прекршување на Договорот од Преспа од претседателката и премиерот на Северна Македонија“