Издадени oдобренија за градење нови 1.294 станови, а има и многу празни

Градењето згради во Скопје но и во други градови низ Македонија не стивнува. Инвеститорите како да ја ловат секоја слободна парцела за да ја околчат и да почнат да ги копаат темелите.

Така било и во февруари оваа година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во февруари се издадени 352 одобренија за градење, што е за 40.8 % повеќе во однос на истиот месец лани.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 199 (56.5 %) се наменети за објекти од високоградба, 108 (30.7 %) за објекти од нискоградба и 45 (12.8 %) за објекти за реконструкција.

Значи, пак најмногу ќе се градат згради во кои ќе има многу станови чија цена достигнува неверојатни височини. Во Скопје веќе станува вообичаено за квадрат станбен простор да се бара по 1600 евра, а цената знаe да отиде и над 2000 евра.

Како ќе оди продажбата на новоизградените станови е непознато, познато е само дека во Скопје има многу станови (скоро една третина од изградените) кои се празни што го покажа и неодамнешниот попис.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 1 294 станови, со вкупна корисна површина од 97 659 м2.

Инаку, од вкупно 352 објекти, на 170 (48.3 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 182 (51.7 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.

Предвидената вредност на објектите за кои се издадени одобренија изнесува 9 897 768 илјади денари, што е за 258.1 % повеќе во однос на февруари минатата година.

 

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Крими тандемот Ковачевски – Груби е до гуша во кал
Следна вестЧеде Јаневски повеќе не е тренер на АЕЛ Лимасол