Издржете, уште три дена па завршува изборната кампања

Остануваат уште три дена до крајот на изборната кампања во Македонија. Уште денеска, четврток и петок. И готово. Издржете!

Напорно е, но граѓаните треба да го издржат изнасиленото бомбардирање со партиски ветувања, а за жал и со форсираната црна кампања упатена кон политичкиот противник кој се третира како непријател. Треба да се издржи ем да ти се ветува рај, ем да ти се кажува дека другиот во пекол те носи.

Напорно им е и на политичарите, треба да издржат оти толку се растрчани низ Македонија што чудо ќе биде ако не папсаат доколку уште трае кампањата – тие не се навикнати на толку работа. Напорно е и да измислуваш нови ветувања, а и да задаваш удари под маса за противникот. Да повикуваш на обединување, ама и да делуваш на разединување на народот навредувајки голем дел од него…

Среќа петок на полноќ започнува изборниот молк, а тоа не е многу далеку. Сепак баш последните денови партиите најмногу засилуваат со активности, што ли уште ќе треба да се издржи?

Ај да се надеваме дека пријатно ќе не изненадат партиите па ќе ја спуштат топката и ќе зборуваат за програми, идеи, решенија…, тоа гласачите го заслужуваат после толку многу издржано.

 

Претходна вестЗошто ДИК на 5 дена пред избори одлучи да важат и гласачките ливчиња кои немаат печат?
Следна вестБројот на заразени со ковид од почетокот на пандeмијата во Македонија надмина 200.000 лица