Легализација на дивоградби направени од високи владини и партиски функционери на ДУИ предизвика силна конфронтација меѓу оваа владеачка партија и нејзиниот поранешен висок функционер и градоначалник на Чаир Изет Меџити. Во синоќешниот настап на ТВ 21 Меџити, кој сега делува како дел од коалицијата „Вреди“ на опозициска партии на Албанците, јавно кажа дека додека бил градоначалник легализирал бесправни објекти градени од министерот за надворешни работи Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби.
-Вечерва за првпат кажувам дека кандидатот за претседател Бујар Османи својата куќа ја има изградено на диво, а јас како градоначалник му ја легализирав нему како и на многу други граѓани, па наместо да плаќа комунални такси по 110 евра за квадратен метар, тој платил едно евро, што значи самиот тој изградил куќа на диво. Артан Груби и неговите браќа имаат изградено доградба на станови во Чаир. Речиси половина зграда на диво ја изградиле и истите се легализирани, додава Меџити.
Загрижувачко сведоштво. Меџити беше градоначалник на Општина Чаир од редовите на ДУИ во периодот од 2005 до 2017 година. Во емисијата тој не објасни врз основа на кои законски прописи извршил легализација на овие објекти, ниту, пак, за колкави површини станува збор.
На изјавата на Меџити денеска реагираат од редовите на ДУИ. Ова партија во соопштението најостро го осудува обидот на поранешниот сопартиец да избега од одговорноста за сторениот криминал со легализацијата на објектите и зградите во Чаир, префрлувајќи ја вината на апсурден начин и без правна основа врз граѓаните на Чаир.
–Изет Меџити јавно на телевизија призна дека одлуките за легализација на објекти или згради ги носел тој сам како градоначалник на општината и со политички/коруптивни преференции, а не строго како што предвидуваат законските и подзаконските одредби. Го поставуваме прашањето, зошто, доколку знаел дека тешко го прекршува законот, решил да ги потпише актите за легализација на објектите што ги споменува заедно со над 30 колективни згради изградени по 2011 година и не ги презел потребните правни дејствија за нивно уривање. Меџити синоќа со своја уста го призна она што сите го знаат и она што медиумите го објавија, а тоа е дека тој самиот одлучувал за легализација на бесправно изградени објекти, а не законот!, потенцираат од ДУИ.
Од оваа партија ги повикаа правосудните органи да постапат според нивните овластувања по ова флагрантно признание на одговорноста.
-ДУИ посочува дека никој не треба да биде над законот и дека назначените носители на јавни функции се апсолутно одговорни за неговото спроведување и во никој случај за неспроведувањето на законите не треба вината да се префрла на граѓаните, наведуваат од партијата.
Ќе има ли некакво постапување на правосудните органи не е извесно. Засега е само извесно дека во Чаир неретко се градело „ударнички“, а потоа тоа „силно“ се легализирало.