Израелската војска соопшти дека пресретнала ракети истрелани кон територијата на Израел и дека ја нападнала Сирија по падот на дрон во туристичкиот град Еилат на југот на земјата. Армијата не соопшти која организација во Сирија го испратила дронот во Еилат, но во соопштението се наведува дека тие ја сметаат сириската влада целосно одговорна „за каква било терористичка активност на нејзина територија“.
Во извештаите за нападот со дронот, кој предизвика мала штета, не се наведува дали има повредени.
Движењето Хути во Јемен, поврзано со Иран, изврши неколку ракетни и беспилотни напади врз Израел по 7 октомври, од кои сите беа или спречени или неуспешни.
Во четвртокот, групата Хути, која владее со делови од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, објави дека истрелале ракети врз неколку цели во Израел, вклучително и цели во Еилат кои воениот портпарол на групата ги нарече воени цели.
Израелската армија објави дека нејзиниот воздушен одбранбен систем пресретнал ракетен напад на израелска територија во близина на Црвеното Море и дека нејзиниот ракетен одбранбен систем „Патриот“ пресретнал „сомнителна мета“ на југот од пустината Негев, но не прецизираше кого смета дека е одговорен за напади.
Израел го зголеми своето поморско присуство во Црвеното Море за подобра заштита на јужниот брег, а САД исто така имаат значително поморско присуство во областа.
Еилат е главниот трговски излез на Израел кон Црвеното Море.