Израелската војска порачала на Обединетите нации дека сите што живеат во северниот дел на регионот Газа треба да се евакуираат во јужните делови на територијата во следните 24 часа, информираше портпаролот на ОН. Оттаму велат дека тоа значи потреба од евакуација на околу 1,1 милиони луѓе, односно половина од полпулацијата на Појасот Газа. Во подрачјето кое Израел бара да се евакуира се наоѓа и густо населениот град Газа.
– Обединетите нации сметаат дека вакво раздвижување на населението е невозможно без огромни хуманитарни последици. Апелираме ваквата одлука да се повлече и да се избегне тоа што веќе е трагедија да се претвори во катастрофална ситуација, стои во соопштение до јавноста на ОН.
Ова предупредување било дадено на полноќ, додека Израел се подготвува за теренска офанзива на Газа со војска, тешка артилерија и тенкови кои се распоредуваат на границата со регионот. Во меѓувреме Газа секојдневно е пета на израелски ракетни напади откако во саботата милитантната група Хамас организираше изненадувачки напад врз Израел.
Израелските власти соопштија дека досега испуштиле 6.000 бомби, со тежина од 4.000 тони таргетирајќи го Хамас во Газа изминативе шест дена. Авионските ракетни напади погодиле повеќе од 3.600 објекти.
Од Израел одговорот на ОН на барањето за евакуација го оценија како „срамен“. Гилад Ердан, амбасадорот на Израел во ОН, вели дека се дава рано предупредување на жителите на Газа со цел да се „минимизира штета на оние кои не се вмешани“ во воената операција против Хамас.
– Долги години ОН се прави слепа на вооружувањето на Хамас и нивното користење на цивилното население и цивилната инфраструктура во Појасот Газа како место за тајно складирање на нивните оружја. Сега, наместо да бидат заедно со Израел, чии граѓани се масакрирани од терористите од Хамас, тие проповедаат што треба Израел да прави. Подобро за ОН е да се фокусира на враќање на заложниците, осудување на Хамас и поддршка на правото на Израел да се одбрани, вели Ердан.
Паралелно од Хамас порачаа на граѓаните да не го слушаат предупредувањето за евакуација од Израел, карактеризирајќи го како „лажна пропаганда“.
Од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи побараа државите да обезбедат 294 милиони долари во средства за итна поддршка на најнеопходните потреби на Палестинците.
Повеќе од 84 илјади луѓе во Газа останаа без дом во четвртокот, велат од ОН, додавајќи дека сега повеќе од 423 илјади луѓе вкупно се без засолниште.
– Најголем дел од жителите на Појасот Газа повеќе немаат пристап до вода за пиење, наведуваат од организацијата.
Од почетокот на војната, во нападите на Хамас загинале најмалку 1.300 Израелци, додека најмалку 150 заложници и понатаму се киднапирани во Газа. Во одговорот на Израел досега загинале 1.400 луѓе во Газа, додека најмалку 338 илјади лица се раселени.