Израелската армија синоќа повторно навлезе во Појасот Газа за да нападнат оперативци и цели на екстремистичкиот Хамас, движењето кое од 2007 година е на власт во оваа палестинска енклава. ИДФ, соопшти дека во рацијата, што се изведува втора ноќ по ред, во близина на населбата Шуџаи, во источниот дел на Газа, учествуваат пешадиски единици, оклопни и други единици со поддршка на беспилотни летала и борбени хеликоптери.
Извршени се артилериски и воздушни напади врз цели на Хамас, вклучувајќи и локации за лансирање на противтенковски наведувани ракети и командни центри, соопшти израелската армија. По неколку часа интервенции сите припадници на израелските сили се вратени на израелска територија и нема повредени или загинати војници.
Овие рации, најавуваат од израелскиот воен и државен врв, се претходница на пошироката копнена офанзива. Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари синоќа изјави дека копнените упади ќе продолжат додека се подготвуваат следните фази од војната против Хамас.