Јанчева: Поради кавгите меѓу Мицкоски и Арсовска граѓаните на Скопје немаат превоз

Како советничка група во Советот, СДСМ и коалицијата најостро регира на продолжувањето на политичките игри во Град Скопје особено околу јавниот превоз. Скопје е во тотален хаос и нефункционалност, колабиран е јавниот превоз, многу е лоша состојбата во ЈСП, а власта игра партиски игри, спроведува блокади и се пресметува, истакна координаторката на советничката група Љубица Јанчева.

На денешната прес конференција таа посочи дека мора да престанат политичките пресметки меѓу Мицкоски и Арсовска кои се врз грбот на граѓаните.

-Тендерот за набавка на нафта за потребите на ЈСП е дефинитивно поништен. Се пријавил еден оператор кој не доставил банкарска гаранција. ЈСП Скопје интервентно, склучи договор за набавка на нафта во вредност од 120 милиони денари, односно, речиси два милиони евра. Имало само еден понудувач, според јавно достапните информации тоа била компанијата „Пуцко Петрол“ која била избрана во оваа набавка без тендер. Оваа итна постапка била одобрена од Бирото за јавни набавки по налог на Владата. За да биде лицемерието поголемо токму постапката околу тендерот се спореше од власта минатата недела и ЈСП остана без нафта а граѓаните без превоз. И тогаш и сега стануваше збор за ист оператор, рече Јанчева.

Според неа, очигледно е дека политички игри на ВМРО-ДПМНЕ и кавгите на релација Мицкоски-Арсивска се главна причина зошто граѓаните на Скопје немаат превоз, немаат град.

СДСМ бара веднаш да прекинат овие пресметки и блокади, власта да ја преземе својата одговорност и да им помогне на граѓаните на Скопје наместо да им одмага.

Претходна вестМицкоски ќе прифати минимална плата од 450 евра ако се усогласат работодавачите и работниците
Следна вестУставните судии Албанци најавија бојкот на седницата за законот за јазици, Мицкоски вели дека нема опасност по безбедноста